Од основна важност е да се посоветувате со лекар во раната фаза. Само лекар може да постави дијагноза за деменција. Целосното медицинско оценување може да утврди дека се работи за медицинска состојба што може да се лекува и да осигура дека таа ќе биде лекувана на исправен начин, или да го потврди присуството на деменција.
Оценувањето може да ги вклучува следните работи:
– Медицинска историја – лекарот ќе праша за минатите и сегашните здравствени проблеми, за семејната здравствена историја, за сите лекови што ги зема лицето, како и за проблемите со помнењето, размислувањето или однесувањето што предизвикуваат загриженост. Лекарот исто така може ќе сака да разговара и со некој член на најблиското семејство кој може да ги даде сите потребни информации.
– Телесен преглед – тој може да вклучува проверки на сетилата и на движењето, како и на работата на срцето и белите дробови, за да се исклучат други здравствени состојби.
– Лабораториски проверки – ќе вклучуваат разновидни проверки на крвта и на мочката за да се утврдат сите можни болести што би можеле да ги предизвикуваат знаците. Во некои случаи може да се земе мал примерок од ’рбетната течност.
– Невропсихолошка проверка или проверка на способноста за спознавање – се користат разновидни проверки за да се оценат способностите за размислување, вклучувајќи ги помнењето, јазикот, вниманието и решавањето на проблеми. Тоа може да помогне да се утврдат специфичните проблематични подрачја, а тоа од своја страна ќе помогне да се утврди причината што ги предизвикува тие проблеми или типот на деменцијата.
– Снимање на мозокот – има некои видови на снимања што ја покажуваат структурата на мозокот и се користат за да се исклучи присуството на тумори на мозокот или на засирени грутки крв во мозокот како причина за знаците, и за да се открие на кој начин се губи мозочното ткиво со што може да се направи разлика меѓу разните типови на деменција. Други снимки покажуваат колку се активни одредени делови на мозокот и исто така може да помогнат да се направи разлика меѓу разните типови на деменција.
– Психијатриско оценување – за да се утврдат нарушувањата што може да се лекуваат, како што е потиштеноста, и за да се стават под контрола сите психијатриски знаци како што се вознемиреноста или замислувањето на работи што не постојат, а кои може да се јават со деменцијата.