Алцхајмерова болест
Алцхајмеровата болест (Alzheimer’s disease) е најчестата форма на деменција и се јавува во околу две третини од случаите. Таа предизвикува постепено опаѓање на спознајните способности, а често почнува со губење на помнењето. Алцхајмеровата болест се одликува со две ненормални појави во мозокот – амилоидни наслаги и неврофибриларни сплетови. Наслагите се ненормални купчиња од еден протеин што се вика бета
амилоид. Сплетовите се врзопи од извиткани влакна составени од еден протеин што се вика тау. Наслагите и сплетовите ја прекинуваат врската меѓу нервните клетки и доведуваат до нивно изумирање.


Васкуларна деменција
Деменцијата на крвните садови (васкуларна деменција) е нарушување на спознајните способности причинето од оштетување на крвните садови во мозокот. Може да биде причинета од еден единствен мозочен удар или од неколку мозочни удари што се случиле во текот на одреден временски период. Постоењето на васкуларна деменција медицински се утврдува кога постои доказ за заболување на крвните садови во мозокот и кога спознајните способности се нарушени толку што влијаат врз секојдневниот живот. Знаците на деменција на крвните садови може да се појават одеднаш по претрпен мозочен удар, или може да почнат да се појавуваат постепено како што се влошува заболувањето на крвните садови. Знаците може да бидат различни во зависност од местоположбата и големината на оштетувањето на мозокот. Овој вид на деменција може да влијае само на една или на неколку специфични спознајни функции. Васкуларна деменција може да личи на Алцхајмеровата болест, а прилично често се јавува и мешавина од Алцхајмерова болест и деменција на крвните садови.

 

Заболување со Луи телца
Заболувањето со Луи телца (Lewy body disease) се одликува со присуство на Луи телца во мозокот. Луи телцата се ненормални грутки од протеинот наречен алфа-синуклеин што се развиваат во внатрешноста на нервните клетки. Таквите ненормални појави се случуваат во специфични делови
од мозокот и доведуваат до промени во движењето, размислувањето и однесувањето. Кај луѓето што имаат заболување со Луи телца може да се забележат големи и наизменични промени во способноста за сосредоточување и за размислување. Тие може во еден момент да се однесуваат и да функционираат речиси сосем нормално, а потоа за многу кусо време да станат сосем збунети и загубени. На луѓето со ова заболување исто така може честопати да им се привидуваат работи.


Деменција со Паркинсонова болест
Кога првите знаци што се појавиле го засегаат движењето, најчесто се утврдува дека се работи за Паркинсонова болест. Како што се развива Паркинсоновата болест, кај повеќето луѓе ќе се јави деменција. Кога првите знаци што се појавиле ги засегаат спознајните способности, се утврдувадека постои деменција со Луи телца. Заболувањето со Луи телца понекогаш се јавува заедно со Алцхајмеровата болест и/или со деменцијата на крвните садови. За повеќе информации, погледнете ги Листовите за помош насловен Заболување со Луи телца.


Челно-слепоочна деменција
При челно-слепоочната деменција (frontotemporal dementia) настанува постепено и сè поголемо оштетување на челните и слепоочните резни на мозокот. Знаците на болеста честопати се јавуваат кога луѓето се на 50 или на 60-годишна возраст, а понекогаш и порано. Има два главни вида на челнослепоочна деменција – челна (при која настануваат промени во однесувањето и во личноста на лицето) и слепоочна (при која настануваат нарушувања на говорот). Меѓутоа, овие два вида честопати се преклопуваат. Бидејќи челните резни на мозокот ги контролираат расудувањето и општественото однесување, луѓето со челно-слепоочна деменција честопати имаат проблем да одржуваат општествено соодветно однесување. Може да бидат груби, да ги запоставуваат своите нормални обврски, да не можат да се контролираат или да повторуваат исти работи, да бидат насилни, да покажуваат
недостиг на срам или да постапуваат непромислено. Има два главни облика на слепоочниот или јазичниот вид на челно-слепоочната деменција. При семантичката (смисловна) деменција се јавуваат постепено заборавање на значењето на зборовите, проблеми да се најдат соодветните зборови и да се помнат имињата на луѓето, како и тешкотии да се разбира говорот. Прогресивната нефлуентна афазија (тешко и испрекинато
зборување) се јавува поретко и влијае на способноста за течно зборување.
Челно-слепоочната деменција понекогаш се нарекува и фронтотемпорална лобарна дегенерација (frontotemporal lobar degeneration – FTLD) или Пикова болест (Pick’s disease).