Како се дијагностицира деменција?
Точната дијагноза е важна! Од основна важност е да се посоветувате со лекар во раната фаза. Само лекар може да постави дијагноза за деменција.
Со целосниот медицински преглед може да утврди дека се работи за медицинска состојба што може да се лекува и да осигура дека таа ќе биде лекувана на исправен начин, или да го потврди присуството на деменција.
Не постои единствен тест кој може да утврди дали некое лице живее со Алцхајмерова болест или друг вид на деменција. Лекарите користат дијагностички алатки во комбинација со медицинска историја и други информации, вклучувајќи невролошки прегледи, когнитивни и функционални проценки, слики на мозокот (МРИ, КТ, ПЕТ) и цереброспинална течност или тестови на крвта за да направат точна дијагноза.
Оценувањето може да ги вклучува следните работи:
Медицинска историја – лекарот ќе праша за минатите и сегашните здравствени проблеми, за семејната здравствена историја, за сите лекови што ги зема лицето, како и за проблемите со помнењето, размислувањето или однесувањето што предизвикуваат загриженост
Невролошки преглед – За време на невролошкиот преглед, лекарот внимателно ќе ја процени личноста за проблеми кои можат да сигнализираат за нарушувања на мозокот различни од Алцхајмерова болест. Лекарот ќе бара знаци на мозочен удар, Паркинсонова болест, тумори на мозокот, акумулација на течност во мозокот и други состојби кои може да ја нарушат меморијата или размислувањето.
Телесен преглед – тој може да вклучува проверки на сетилата и на движењето, како и на работата на срцето и белите дробови, за да се исклучат други здравствени состојби.
Невропсихолошка проверка – се користат разновидни проверки за да се процернат способностите за размислување, вклучувајќи ги помнењето, јазикот, вниманието и решавањето на проблеми.
Психијатриски преглед – за да се утврдат нарушувањата што може да се лекуваат, како што е потиштеноста, и за да се стават под контрола сите психијатриски знаци како што се вознемиреноста или замислувањето на работи што не постојат, а кои може да се јават со деменцијата.
