Деменцијата на крвните садови (васкуларна деменција) е нарушување на спознајните способности причинето од оштетување на крвните садови во мозокот. Може да биде причинета од еден единствен мозочен удар или од неколку мозочни удари што се случиле во текот на одреден временски период. Постоењето на васкуларна деменција медицински се утврдува кога постои доказ за заболување на крвните садови во мозокот и кога спознајните способности се нарушени толку што влијаат врз секојдневниот живот. Знаците на деменција на крвните садови може да се појават одеднаш по претрпен мозочен удар, или може да почнат да се појавуваат постепено како што се влошува заболувањето на крвните садови. Знаците може да бидат различни во зависност од местоположбата и големината на оштетувањето на мозокот. Овој вид на деменција може да влијае само на една или на неколку специфични спознајни функции. Васкуларна деменција може да личи на Алцхајмеровата болест, а прилично често се јавува и мешавина од Алцхајмерова болест и деменција на крвните садови.