Што е деменција?
Со поимот деменција се опишуваат збир од знаци што се предизвикани од нарушувања што го засегаат мозокот. Деменцијата влијае на размислувањето, однесувањето и способноста да се извршуваат секојдневните работи. Функцијата на мозокот е доволно засегната за да влијае врз нормалниот општествен или работен живот на лицето. Обележје на деменцијата е неспособноста да се вршат секојдневните активности како последица на намалените спознајни способности. Лекарите утврдуваат постоење на деменција ако се значително оштетени две или повеќе спознајни функции. Во спознајни функции спаѓаат помнењето, способноста за говор, разбирањето на информациите, способноста за снаоѓање во просторот, расудувањето и сосредоточеноста. На луѓето со деменција може да им биде тешко да решаваат проблеми и да си ги контролираат чувствата. Тие исто така може да претрпат и промени во својата личност. Точните знаци што ги има некое лице со деменција зависат од деловите на мозокот што се оштетени од болеста што ја предизвикала деменцијата. Кај многу видови на деменција, некои од нервните клетки во мозокот престануваат да функционираат, ги губат врските со другите клетки и изумираат. Деменцијата обично се засилува со текот на времето. Тоа значи дека постепено се шири низ мозокот и знаците што ги има лицето со текот на времето стануваат полоши.
Како да се објасни деменцијата
Деменцијата не претставува една единствена болест, туку повеќе може да ја сфатиме како „чадор термин“ , односно група на различни симптоми кои пак можат да бидат резултат на многу состојби, вклучително тука и болести на мозокот каде постои постепен губиток на нервни клетки (невродегенеративни болести), инфекции, воспаленија, трауми на главата, тумори и друго. Кога говориме за симптомите на деменцијата, говориме за когнитивната способност, перформаност на активности во секојдневниот живот, однесувањето, емоционалната состојба и физичкото функционирање. Комбинацијата на сиве овие симтпоми покажува широк спектар на варијабилност, и тоа најмногу зависи од тоа кој дел од мозокот е засегнат од основната причина за болеста.

