Фронтотемпорална деменција
При челно-слепоочната деменција (frontotemporal dementia) настанува постепено и сè поголемо оштетување на челните и слепоочните резни на мозокот. Знаците на болеста честопати се јавуваат кога луѓето се на 50 или на 60-годишна возраст, а понекогаш и порано. Има два главни вида на челнослепоочна деменција – челна (при која настануваат промени во однесувањето и во личноста на лицето) и слепоочна (при која настануваат нарушувања на говорот). Меѓутоа, овие два вида честопати се преклопуваат.
Бидејќи челните резни на мозокот ги контролираат расудувањето и општественото однесување, луѓето со челно-слепоочна деменција честопати имаат проблем да одржуваат општествено соодветно однесување. Може да бидат груби, да ги запоставуваат своите нормални обврски, да не можат да се контролираат или да повторуваат исти работи, да бидат насилни, да покажуваат недостиг на срам или да постапуваат непромислено.
Има два главни облика на слепоочниот или јазичниот вид на челно-слепоочната деменција. При семантичката (смисловна) деменција се јавуваат постепено заборавање на значењето на зборовите, проблеми да се најдат соодветните зборови и да се помнат имињата на луѓето, како и тешкотии да се разбира говорот. Прогресивната нефлуентна афазија (тешко и испрекинато зборување) се јавува поретко и влијае на способноста за течно зборување.
Челно-слепоочната деменција понекогаш се нарекува и фронтотемпорална лобарна дегенерација (frontotemporal lobar degeneration – FTLD) или Пикова болест (Pick’s disease).
